3.Издание, САБОТА, 25 ОКТОМВРИ 2025, 10:00
НЕГОРСКИ БАЊИ, ГЕВГЕЛИЈА

РЕЗУЛТАТИ ВО ЖИВОФОТОГРАФИИ 2025

 

Здраво на сите,

Добредојдодвте на третото издание на Punk's Backyard Ultra, уникатен концепт на атлетска трка создаден од Лазарус Лејк. Позната по својот исцрпувачки тест на издржливост и ментална цврстина, по трет пат се одржува во Македонија со цел да ги редефинира границите на атлетската издржливост. Со својот возбудлив, но застрашувачки предизвик, овој ултра-маратон, чиј домаќин е бањскиот комплекс Негорски Бањи, а организатор е Здружението ТРЕКС од Скопје помогнато од членови на АК 7ми Ноември Гевгелија, е подготвен да ги привлече најрешителните и најавантуристичките тркачи.

 

ПРАВИЛА

Punk's Backyard Ultra е како доказ за човечкиот дух и издржливост, на 25 Октомври ве повикува да ги надминете вашите психо-физички граници. Форматот на трката е навистина едноставен, но уникатно предизвикувачки – се трча круг од 6,7 километри во рок од еден час, а штом ќе измине часот, започнува следниот круг. Трката продолжува додека не остане само еден тркач на нозе - вистински тест за ментална отпорност и физичка издржливост.

Бекјард Ултра Правила

  1. ПATEKA: Метрички еквивалент 6,7056 километри со околу 120м Д+
  2. СТАРТУВАЊЕ ОД КОРАЛОТ (ОГРАДА): Учесниците мора секој круг да стартуваат од стартниот корал.
  3. СТАРТОВИ: Секој круг започнува точно 1 час по последниот круг. Предупредување се дава 3, 2 и 1 минута пред стартот на секој круг. Сите натпреварувачи мора да започнат со ѕвончето (без доцни стартови = днф)
  4. КРУГОВИ: Освен за во тоалет, натпреварувачот не смее да ја напушти патеката додека не се заврши секој круг. Нема не-натпреварувачи на патеката (вклучувајќи ги елиминираните тркачи). Нема лична помош за време на еден круг. Секој круг мора да се заврши во рок од еден час за да се брои... вклучувајќи го и последниот круг.
  5. ТАЈМИНГ: Бројот на истрчани кругови ќе се запишува во табела на компјутер. 
  6. ПОБЕДНИК/РЕЗУЛТАТИ: Победникот е последниот што ќе заврши цел круг. Сите други се технички DNF. Ако ниту еден тркач не може да заврши еден круг повеќе од кој било друг, нема победник.
  7. ВРЕМЕНСКИ ЛИМИТ: Трката е отворена без временски ограничувања.

 

ЕКИПНО НАТПРЕВАРУВАЊЕ

Истовремено на овогодинешниот бекјард ќе имаме можност за натпревар во тимови составени од четири лица. Дајте си име на тим и маскирајте се ако сакате или дресови исти носете. Членовите на тимовите ќе бидат запишани за време на техничкиот состанок за трката кој ќе започне во 9 часот на 25 Октомври на стартно целната рамнина.

Секој од вас влегува како индивидуален тркач и трча нормално, но вашите кругови исто така ќе се бројат заедно за екипното натпреварување.

Во стандардните трчачки настани, пејсерите се спротивни на правилата. Бекјард ултрите се поинаков спорт. Секој бекјард е до одреден степен тимски настан, а од вас учесниците се очекува да работите заедно за да му помогнете на секој да го истрча најдолгото можно растојание.

Важи само правилото против примање помош вон стартот или целта, но учесниците можат да споделуваат се што носат еден со друг. Ако еден спортист заборави вода, тие можат да примаат течности што ги носи друг.

 

НАЦИОНАЛНО ПРВЕНСТВО ВО БЕКЈАРД

По втор пат кај нас на 25 Октомври ќе се одржи Националното првенство во БЕКЈАРД - секој  македонски  тркач се бодува, така што првите 15 македонци со најголем број на истрчани кругови ќе станат дел од репрезентацијата која доколку се договориме догодина може да учествува на светското сателитско првенство во бекјард.

На крајот, најдобриот македонец или најдобрата македонка на Панкс Бекјард Ултра 2025 ќе се смета за национален шампион на Македонија во бекјард.

 

ЛОКАЦИЈА И СМЕСТУВАЊЕ

https://maps.app.goo.gl/NRusrCBueM6RCA7i8 

Настанот ветува дека ќе биде возбудливо и незаборавно искуство, со примамлива трејл патека низ Велотлон паркот во близина на Негорци, на 2 км од градот Гевгелија, која е трасирана за да ја тестира издржливоста на тркачите и да ја покаже природната убавина на околината. 

За да пристигнете во бањскиот комплекс следете ги знаците и од автопатот и од регионалниот пат за Негорски бањи. Паркингот е бесплатен, пред самите бањи и на сервисната улица во бањскиот комплекс. Подигнување на стартниот број ќе се врши од 9 часот на стартот-целта во паркот на бањите спроти ресторанот. Стартот на првиот круг е закажан во точно 10 часот на 25 Октомври во Сабота.

Ние ви го препорауваме сместувањето во склоп на бањите во Хотел Божур според цените од Хотел Кала https://www.negorskibanji.com.mk/hotels

Секако низ Гевгелија и Негорци има апартмани и други сместувачки капацитети.

 

ПАТЕКА

Патеката 80% е трасирана МТБ патека по земјен пат, 10% по трева на фудбалски стадион и 10% асфалт. Маркациите се со маркирна лента и знаци поставени на десетина метри растојание. Се започнува од паркот пред ресторанот на хотелите и се трча низ паркингот кон регионалниот пат. Внимателно се преминува регионалниот пат и се влегува во Велотлон МТБ паркот каде што е главницата од растојанието на секој круг. Се трча по одлично трасирана 2 метри широка мтб патека, со многу можности за скратување! Затоа оставаме на вашата етика и совест секој круг што ќе го истрчате да изнесува точно 6,7км! По 6 километри низ Велотлон паркот повторно се преминува регионалниот пат, внимавајте, иако сообраќајот ќе биде регуларан цело време од полицијата. И се сече низ фудбалскиот терен пред да се стигне на целта.

ГПС фајлот е објавен на веб страницата на трката.

Најуспешните тркачи на Backyard Ultra се стремат кон време за одмор од 10 до 18 минути, обидувајќи се да истрчаат 6.706 km за 42 до 50 минути.

6.7km = 1 КРУГ
40km  = 6 КРУГОВИ
100km = 15 КРУГОВИ
161km  = 24 КРУГОВИ
201km = 30 КРУГОВИ

 

СТАРТНО – ЦЕЛНА РАМНИНА и ЛОГИСТИКА

Во стартно-целната рамнина ќе бидат поставени затворени тенди со вкупна квадратура од 72м2 кои што ќе служат за одмор и рекуперација пред секој нов круг. Таму ќе биде поставена комплетна освежителна станица со вода, кафе, чај, електролити и сокови, овошје, благи и солени ужинки и грицки, леб, ајвар, кашкавал и сирење. На контролната ќе имаме ладни седнвичи, пица и топла месна и зеленчукова чорба и тоа во заеднички договор за кое време да биде послужена. 

Но исто така ве замолуваме да си понесете и своја храна и течности како дополна која ќе ја споделите со другите тркачи - ајде да направиме другарска атмосфера – секој нека донесе на пример домашни колачи, кифлички, џем, слатко, сиренце и било што останато што ви е по ќејф да ги почестите другите учесници.  

Исто така, доколку имате, понесете си камперски столчиња, масиче и креветче евентуално (маси и столици ќе има од ресторанот), можеби и ваш шатор ако сакате приватност, ќебе за преку ноќта а обавезно некое чинивче, чаша и прибор за јадење. Земете си и купачи и пешкир за после трката да си ги регенирате мускулите во извонредната лековитата бањска вода (се наплаќа влез во базените). Тоалетите од ресторанот на Негорски бањи се достапни за користење за сите учесници (оддалечени 10м од стартот) но исто така додека работи кујната може да се порача храна и пијалоци оттаму.  

 

ОПРЕМА

Во однос на опремата, ве советуваме да носите летно-есенска трчачка облека (односно за денско и за ноќно трчање), понесете си резерва облека за пресоблекување, два пара патики за менување, не заборавајте челни ламби (резервни батерии или полнач обавезно, има штекери) а користење на планинарски стапчиња е забранети. Се разбира земете си лична хигиена, прва помош, фластери, ленти, вазелин, астрофолија и се што вообичаено ви е потребно за еден ултра-маратон. Можете да трчате без никаква задолжителна опрема на пример без бидон со вода, без ранче, без мобилен итн. 

ПОМАГАЧИ и ПУБЛИКА

Мотивирајте ги вашите помагачи да напишат транспаренти, да земат навивачки реквизити, да пуштаат музика на звучниче, да се маскираат, да се забавуваат. Советувајте ги да се облечат соодветно.

Би сакале да ве замолиме за посебно внимание на поставената сообраќајна сигнализација на самата клучка кај Негорски бањи бидејќи таму ќе се преминува патот двапати во секој круг во текот на трката. 

 

Забавувајте се и со голем успех!

 

За повеќе дополнително инфо: punksbackyardultra@gmail.com

или на мобилен, вибер, вацап 071 246 423

Дејан Крле, директор на трката

 

Гордо поддржани од

punksbackyardultra@gmail.com

Дејан Крле, директор на трката 
071 246 423
Copyright TREX 2023
www.trex.mk
envelope