Брифинг за трката: Подгответе се за старт! |
Панкс Бекјард Ултра: Ултимативниот тест на издржливост - нов возбудлив атлетски предизвикЗдраво на сите, Првото издание на Punk's Backyard Ultra, уникатен концепт на атлетска трка познат по својот исцрпувачки тест на издржливост и ментална цврстина, за прв пат се одржува во Македонија со цел да ги редефинира границите на атлетска издржливост. Со својот возбудлив, но застрашувачки предизвик, овој ултра-маратон, чиј домаќин е бањскиот комплекс Негорски Бањи, а организатор е Здружението ТРЕКС од Скопје помогнато од АК 7ми Ноември Гевгелија, е подготвен да ги привлече најрешителните и најавантуристичките тркачи од Македонија и регионот. Punk's Backyard Ultra е како доказ за човечкиот дух и издржливост, повикувајќи ги учесниците да ги надминат нивните перцепирани граници. Форматот на трката е навистина едноставен, но уникатно предизвикувачки - тркачите завршуваат круг од 6,7 километри во рок од еден час, а штом ќе заврши часот, тие мора да го започнат следниот круг. Трката продолжува додека не остане само еден тркач на нозе - вистински тест за ментална отпорност и физичка издржливост. Настанот ветува дека ќе биде возбудливо и незаборавно искуство, со примамлива трејл патека низ Велотлон паркот во близина на Негорци, која е трасирана за да ја тестира издржливоста на тркачите и да ја покаже природната убавина на околината. За да пристигнете во бањскиот комплекс следете ги знаците и од автопатот и од регионалниот пат за Негорски бањи. Паркингот е бесплатен, пред самите бањи и на сервисната улица во бањскиот комплекс. Подигнување на стартниот број ќе се врши од 9 часот на стартот-целта во паркот на бањите спроти ресторанот. Стартот на првиот круг е закажан во точно 10 часот. Временска прогноза за сабота и недела предвидува сончево време со температурен интервал од 0-10 степени целзиусови. Патеката во поголемиот дел е трасирана МТБ патека и земјен пат, со многу малку асфалт. Маркациите се црвени знаменца и црвени патокази поставени на десетина метри растојание. Поради неколкудневните дождови патеките можат да бидат калливи, за секој случај понесете си два пара патики со различен тип на ѓон. Најуспешните тркачи на Backyard Ultra се стремат кон време за одмор од 14 до 18 минути, обидувајќи се да истрчаат 6.706 km за 42 до 46 минути. 6.7km = 1 КРУГ 40km = 6 КРУГОВИ 100km = 15 КРУГОВИ 161km = 24 КРУГОВИ Во стартно-целната рамнина ќе бидат поставени затворени тенди со вкупна квадратура од 72м2 каде што ќе има и греење и кои ќе служат за одмор и рекуперација пред секој нов круг. Таму ќе биде поставена комплетна освежителна станица со вода, каде, чај, електролити и сокови, овошје, благи и солени ужинки и грицки, леб, ајвар, кашкавал и сирење, како и месна и зеленчукова чорба. Но сепак ве замолуваме да си понесете и своја храна и течности како дополна која ќе ја споделите со другите тркачи - ајде да направиме другарска атмосфера. Во однос на опремата, ве советуваме да носите есенско-зимска тркачка облека, понесете си резерва облека за пресоблекување, не заборавајте челни ламби (резервни батерии или полнач обавезно, има штекери) а планинарски стапчиња не ви се потребни. Се разбира земете си лична хигиена, прва помош, фластери, ленти, вазелин, астрофолија и се што вообичаено ви е потребно за еден ултра-маратон. Можете да трчате без никаква задолжителна опрема на пример без бидон со вода, без ранче, без мобилен итн. Исто така, доколку имате, понесете си камперски столчиња, масиче и креветче евентуално, можеби и ваш шатор ако сакате приватност, ќебе за преку ноќта а обавезно некое чинивче, чаша и прибор за јадење. Земете си и купачи и пешкир за после трката да си ги регенирате мускулите во извонредната лековитата бањска вода (се наплаќа влез во базените). Тоалетите од ресторанот на Негорски бањи се достапни за користење за сите учесници (оддалечени 50м од стартот) но исто така додека работи кујната може да се порача храна и пијалоци оттаму. ПомагачиМотивирајте ги вашите помагачи да напишат транспаренти, да земат навивачки реквизити, да пуштаат музика на звучниче, да се маскираат, да се забавуваат. Советувајте ги да се облечат зимски. Би сакале да ве замолиме за посебно внимание на поставената сообраќајна сигнализација на самата клучка кај Негорски бањи бидејќи таму ќе се преминува патот двапати во секој круг во текот на трката. Забавувајте се и со голем успех! За повеќе дополнително инфо: punksbackyardultra@gmail.com или на мобилен, вибер, вацап 071 246 423 Дејан Крле, директор на трката |